Анализи

За балканските држави, кривичното гонење на тероризмот, е предизвик

Полициска станица во Бугојно по терористичкиот напад во 2010 година. Фото: БИРН БиХ

За балканските држави, кривичното гонење на тероризмот, е предизвик

Пронаоѓањето на докази, во случаите на тероризам, се покажа како тешка задача, а реинтеграцијата и рехабилитацијата на борците кои војувале на странските боишта, според мислењето на експертите, е уште поголем предизвик.

This post is also available in: Bosnian English Albanian


Infographic: BIRN

Од средината на 1990-тите години, во шестте земји од Западен Балкан, за терористички акти или за заминување на боишта во странски земји, на повеќе од 1.100 години затвор, се осудени над 200 лица, велат податоците во анализата на БИРН.

Но, изрекувањето на казните е нерамномерно, а експертите со кои БИРН разговараше велат дека секоја земја се соочува со значителни предизвици во справувањето со борците кои заминале на странски боишта и со нивните семејства, кои се вратиле или се очекува да се вратат.

Повеќе од 160 борци се наоѓаат во затвор, бидејќи заминале да се борат во конфликтите во Сирија и во Украина. Тие се дел од бранот борци од Балканот, кои заминаа на странските боишта, што, во 2014 и 2015 година, ги натера Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора, да ги забранат ваквите активности.

Најголем број борци се осудени во Косово и во Србија, додека Босна и Херцеговина и Северна Македонија имаа најмногу пресуди за домашен тероризам. Во Албанија, ниту еден од вратените борци не е осуден во второстепена постапка, а во Црна Гора не е изречена ниту една конечна пресуда за домашен тероризам, говорат податоците до кои дојде БИРН.

Анес Ченгиќ, поранешен началник на одделение за борба против тероризам во Босна и Херцеговина, вели дека, да се обезбеди осудителна пресуда е една, а реинтеграцијата на борците што се бореле на странските боишта, е друга работа.

„Како поранешен полицаец, мислам дека работата не е завршена со изрекувањето на казна и испраќањето на лицето истата да ја отслужи“, нагласува Ченгиќ за БИРН.

Споредувајќи ги многу подолгите казни во земјите на ЕУ, со оние во земјите на Западен Балкан, за пристапување кон странски терористички групи, Адријан Штуни, аналитичар за безбедносни прашања од САД, вели дека балканските судови треба да го преиспитаат својот пристап.

Практиките на казнување на Западен Балкан, во случаите што вклучуваат терористички акти, можеби ќе треба да се преиспитаат и поблиску да се усогласат со практиките на казнување во земјите од Европската унија“, нагласува тој.

Штуни цитира студија од 2019 година, која ги покажува разликите во просечните затворски казни во земјите на Западен Балкан. Просечната казна во земјите на ЕУ, во 2018 година, била двојно поголема отколку онаа во земјите на Западен Балкан – за седум години – додава тој.

Сепак, нагласува тој, „подолгите затворски казни не се, сами по себе, решение, туку тие треба да се поклопат со значајни програми за рехабилитација, надзор и реинтеграција“.

Во Босна и Херцеговина, борците што се бореа на странски боишта, во просек се осудени на помалку од две години затвор. Во Косово, просечната затворска казна, за дела поврзани со тероризмот, е три и пол години, вели Штуни, додавајќи дека, од почетокот на 2020 година, просечната казна во Косово дополнително се намалила.

Во Србија, казните помеѓу осудителните пресуди за војување во Украина и за војување во Сирија, варираат. Додека борците кои се враќаа од Украина главно добија условни казни или куќен притвор, казните за приклучување кон Исламската држава, ИДИС, се движеа до 11 години затвор.

„Што го предизвика значителниот диспаритет, забележан во пристапот при изрекувањето на казните за слични кривични дела, илустрирани погоре, не е многу јасно“, истакнува Штуни. Борците кои се враќаат од Украина, нагласува тој, биле дел од ултранационалистички групи и групи кои веруваат во супериорноста на белата раса, „мотивирани од идеологии кои промовираат омраза и насилство“.

Оние што се враќаат од ИДИС конфликтот во Сирија, претставуваат различен вид на предизвик, вели тој.

Земјите немаат капацитет и специјализирана експертиза, за да ги рехабилитираат и реинтегрираат борците во своите општества, бидејќи мрежите кои ја финансираа и ја помагаа нивната исламистичка радикализација, на различни начини, сè уште се активни.

„Овие мрежи претставуваат идеолошки и логистички столб на милитантното џихадистичко движење во регионот“, објаснува тој.

„Како такви, тие и во иднина ќе претставуваат значителен ризик за националната безбедност на земјите на Балканот и пошироко. Ова особено се покажува како точно, кога се следи враќањето на прилично големиот број терористички борци што се бореле во Сирија и во Ирак и нивното постепено ослободување од затвор“.


Босна и Херцеговина: докажувањето на вината стана предизвик

Актите на тероризам се дефинирани cо два члена од кривичниот закон. Минималната казна за терористички акти, е 5 години затвор, a доколку тие завршат со смрт на едно или повеќе лица, минималната затворска казна е 8 години.

Ако сторителот намерно одземе нечиј живот, ќе се соочи со затворска казна не помала од 10 години.

Оние што подготвуваат извршување на терористички акти, ќе се соочат со казна затвор од 1 до 10 години.

Во 2014 година, до Парламентот беше испратен амандман на законот, според кој учеството во војна во странска држава, стана кривично дело.

Судовите во Босна и Херцеговина, за заминување на странски боишта и за извршување, планирање и подготвување на терористички акти, осудија 39 лица на нешто повеќе од 164 години вкупна затворска казна. Три лица беа ослободени.

Од друга страна, за домашен тероризам, на нешто повеќе од 117 години затвор, се осудени 14 лица.

Муниб Ахметспахиќ е еден од ретките на Балканот, на кого му се судеше и за домашен тероризам, и за учество во војна во странска држава, во неговиот случај, во Сирија.

Во 2013 година, со правосилна одлука беше ослободен од обвинението за уништување на докази, кога лицето Мевлид Јашаревиќ, во октомври 2011 година, пукаше во амбасадата на Соединетите Американски Држави во Сараево, за што беше осуден на 15 години затвор.

Но, во април 2019 година, Ахметспахиќ беше осуден на три години затвор, поради приклучување на исламистички милитанти во Сирија и во Ирак, помеѓу 2013 и 2018 година.

Најдолгата казна што досега, за тероризам, ја имаат изречено судовите во Босна и Херцеговина, е онаа на Харис Чаушевиќ. Во 2010 година, тој беше осуден на 35 години затвор, за вооружен напад врз зградата на полициската управа во градот Бугојно, централна БиХ, во кој еден полицаец беше убиен, а друг ранет.

Неговиот соучесник, Аднан Харачиќ, беше осуден на 14 години затвор, откако претходно склучи спогодба за признавање на вината.

Државниот суд на Босна и Херцеговина, донесе второстепени пресуди во 16 случаи, во кои беа осудени 25 лица на нешто повеќе од 47 години затвор, за учество во борбите во Сирија, за обид да се дојде во Сирија или за регрутирање на други лица за војување во оваа земја.

Тие беа осудени на затворски казни од 1 до 7 години; најдолгата казна, во јуни 2016 година, му беше изречена на Хусеин Босниќ, за регрутирање и за поттикнување на тероризам.

Од оние кои беа осудени за активности на странско боиште, најголемата казна – четири години затвор, му беше изречена на Мехмед Тутмиќ, во 201 7 година.

Во девет случаи, во врска со војувањето во Сирија, осуммина обвинети, откако ја признаа вината, добија казна од 1 година затвор.

Во моментов, во Босна и Херцеговина се суди само еден случај за војување во Сирија. Се работи за лицето, Ибро Ќуфровиќ. Тој, во првостепена постапка, беше осуден на четири години затвор. И одбраната и обвинителите поднесоа жалба.

Седум државјани на Босна и Херцеговина, кои, во декември 2019 година, од Сирија се вратија во БиХ, се наоѓаат во притвор.

Портпаролот на Обвинителството на БиХ, информира дека во моментов, во врска со делото тероризам, се подигнати кривични пријави против 46 лица, во 25 предмети, додека за 31 лице, во 30 случаи, се води истрага.

Законот во БиХ не го класифицира војувањето во Украина како терористичко дело, за разлика од војувањето во Сирија, бидејќи Организацијата на обединетите нации ја прогласи ИДИС за терористичка организација.

Армин Кржалиќ, од Центарот за безбедносни студии со седиште во Сараево, вели дека генерално, обвиненијата за тероризам тешко се докажуваат, па затоа и се склучени бројни спогодби за признавање на вината.

„Проблем е пронаоѓањето на материјални докази“, вели тој. „Затоа тие (судовите) склучија спогодби со одредени лица“.

Владо Азиновиќ, професор на Факултетот за политички науки во Сараево, потенцира дека БиХ е првата земја во регионот, која забранила заминување на странските боишта, но и се согласува дека докажувањето на вината е тешка работа и дека тоа ќе биде иден предизвик.

„Гонењето на лицата за кои имаме доказ дека биле вклучени во активностите на ИДИС – бидејќи тие пополнувале обрасци во кои експлицитно изразиле желба дека сакаат да станат борци … се покажа како предизвик за сите вклучени во процесот – и за обвинителите, и за адвокатите, а особено за судиите.

Друг предизвик е ресоцијализацијата, додава Азиновиќ. Тој истакнува дека Советот на Европа спроведува проект за работа со осуденитe лица, коj ги вклучува и локалните заедници, и полицијата, за да се избегне проблемот, локалните заедници само да дознаваат за враќањето на осудениците во заедниците, неколку недели пред тоа да се случи.

„Ако навистина сакаме да бидеме одговорни кога се работи за нивна рехабилитација или реинтеграција, тој процес мора да започне порано“, нагласува Азиновиќ.


Косово: Масовното враќање од Сирија, создава проблеми

Кривичниот закон на Косово, за сторено терористичко дело, предвидува затворски казни од најмалку 5 години. Доколку делото резултира со сериозна телесна повреда на едно или повеќе лица, сторителот ќе биде казнет со не помалку од 10 години затвор.

Доколку делото резултира со смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се соочи со казна затвор од петнаесет години, до доживотен затвор.

Од шест месеци до десет години затвор е казната предвидена за помагање во извршување на тероризам, а олеснување и финансирање на извршување на терористички акти, како и регрутирање и обука со цел извршување на тероризам, се казнува со казна затвор од 5 до 15 години.

Поттикнување на извршување терористичко дело, се казнува со 1 до 5 години затвор; прикривање или непријавување на терористи или терористички групи, од 6 месеци до 10 години затвор, организирање и учество во терористичка група, до 20 години, а патување со цел извршување на тероризам, од 1 до 10 години затвор.

Членот 3 од законот, во делот за забрана за пристапување во вооружени конфликти надвор од територијата на државата, го дефинира „придружувањето или учеството во странска војска или полиција, во странски паравоени и параполициски формации, во организирани групи или индивидуално, надвор од територијата“, директно или индиректо, како кривично дело.

Овој закон предвидува казни од 5 до 15 години затвор за организаторите, за лицата што вршат регрутација, за водачите или оние што вршат обука на „личност или групи на лица, со цел да се приклучат или учествуваат“ во странски ентитети, заради вооружен конфликт во странство; од 3 до 15 години за оној кој „на каков било директен или индиректен начин, понуди, бара, собира или прикрива финансиски средства или други материјални средства, намерно, свесно или тогаш кога постојат разумни основи да се верува дека тие ќе се користат целосно или делумно“ во странски ентитети, заради вооружен конфликт во странство; од 3 до 15 години за секој што учествува во странски ентитети, заради вооружен конфликт во странство; со затвор од 6 месеци до 5 години за оние кои јавно „повикуваат или поттикнуваат“ учество во странски ентитети, заради вооружени конфликти во странство, или кои кријат информации, или кои не пријавиле планирање на вакви активности и им пружаат засолниште на сторителите на овие кривични дела; исклучоци од ваквите казни се можни за оние кои соработуваат со органите на прогонот, кои ја разоткриваат групата и избегнуваат да сторат кривично дело.

Во март 2015 година, Косово донесе закон со кој се забранува пристапувањето во вооружени конфликти надвор од територијата на државата, кое се дефинира како „приклучување или учество во странска војска или полиција, во странски паравоени и параполициски формации, во организирани групи или индивидуално, надвор од територијата“, директно или индиректно. Казните за ваквите дела се движат од 6 месеци до 15 години затвор.

Но, експертот за безбедност, Беса Кабаши, основач и извршен директор на консултантската фирма Б.К.Р. & Асошиејтс, за БИРН објаснува дека е тешко да се испита нивото на учество кое повратникот го имал во некој конфликт во странска држава, или во зоните во кои сè уште се водат отворени конфликти, а камоли и под кои околности тоа се случило.

Друг предизвик, вели таа, е вклучувањето на малолетните лица и „децата-војници“ во војните во  странските држави, како и нивната реинтеграција, доколку нивните родители починале или биле во затвор подолго време.

И на крајот, нагласува Кабаши, особено е тешко гонењето на жените „бидејќи тешко се докажува позицијата на жените во врска, во рамките на одреден начин на размислување, при што таа можеби немала никаков избор, па затоа е тешко со сигурност да се знае, дали нејзиното учество во странски конфликт, било на доброволна база или не, и во кој капацитет“.

Кабаши вели дека реинтеграцијата на повратниците од војни во странски држави, во 2017 година, станала приоритет на Владата, иако минатата година дошло до соочување со нов предизвик.

Имено, во април 2019 година, 110 граѓани – 32 жени, 74 деца, претежно на возраст под 15 години и 4-ца возрасни борци – беа одеднаш вратени од Сирија.

Против сите жени беа поднесени обвиненија за учество во терористички организации. Децата се дел од неколку активности за реинтеграција, што ги предводи Министерството за внатрешни работи.

Од Специјалното обвинителство информираат дека во Косово вкупно 171 лице е обвинето за тероризам, додека 123 лица се осудени во случаи поврзани со тероризам. Судовите донеле пресуди по 87 обвиненија поднесени за учество во војни во странски држави, а во тек сѐ уште 57 случаи.

Под истрага е 21 лице, а 107 случаи за учество или обид за учество на странско боиште се прекинати.

Судовите во Косово, на 81 лице, му изрекле конечна пресуда за учество на странски боишта. Според Кабаши, законот во Косово, со кој се забранува учеството во вооружени конфликти во странски држави, не предвидува условен период, по издржувањето на казната затвор.

„Напорите за реинтеграција, после затворската казна, мора да бидат на доброволна основа“, вели таа, додавајќи дека на Косово сè уште му недостасува национален план за реинтеграција кој „ќе го пресече маѓепсаниот круг, ќе им овозможи да имаат самоодржливи улоги во општеството“, ќе ја намалат нивната ранливост и истовремено ќе ја подобри националната безбедност“.


Албанија: Нема осудени повратници од странските боишта

Во Албанија, активностите поврзани со тероризмот, се казнуваат според кривичниот закон, со член 28, „Посебни форми на соработка“; со член 230, „Акти на терористичка намера“; член 230/а, „Финансирање на тероризам“, член 230/б, „Сокривање на финансиски средства и друг имот со кои се финансира тероризмот“; член 230/г, „Собирање на финансиски средства за финансирање на тероризам“; со член 231, „Регрутирање лица за извршување на дела со терористички намери или финансирање на тероризам“; член 232, „Обука за извршување на дела со терористички намери“; член 232/а, „Поттикнување, јавни повици и пропаганда за извршување на дела со терористички намери“; член 232/б, „Закана за извршување на дела со терористички намери“; и со член 234/а, „Терористички организации”.

Казните за делата со терористички намери и за финансирање на тероризам, се движат од 15 години до казна доживотен затвор. За учеството во терористички организации предвидени се затворски казни од 7 до 15 години. Во јули 2014 година, Собранието усвои нови измени на кривичниот закон, со цел да биде опфатено учеството во војни на странските боиште. Оттука, кривичниот закон ги содржи и член 265/а, „Учество во воени операции во странска држава“; член 265/б, „Организирање на учество во воени операции во странска држава“; и член 265/в, „Повикување за учество во насилни воени операции во странска држава “. Затворските казни за овие дела се движат до 15 години.

Против четворица мажи од Скадар, беше покрената истрага за тероризам. Тие беа меѓу 19-мината уапсени во октомври 2016 година, во Албанија, Косово и во Северна Македонија, поради заговор да се изврши напад на фудбалски натпревар помеѓу Албанија и Израел.

Осуммина од нив, во 2018 година, во Косово беа осудени на казни затвор, но четворицата приведени во Албанија беа ослободени, поради недостиг на докази, откако поминаа една година во притвор. Обвинителите побараа од судот да го затвори случајот, но им беше наложено да ја продолжат истрагата.

Според информациите од Специјалниот апелациски суд за корупција и организиран криминал, во последните 10 години, на 23 лица им е изречена правосилна пресуда по обвиненија за тероризам или по обвиненија за тероризам во комбинација со други дела, како формирање на „криминални организации“ , „структурни криминални групи“ или „вооружени банди“ итн.

Едно лице беше осудено на казна доживотен затвор, а останатите 22-ца беа осудени на вкупно 256 години затвор, односно во просек секој доби по 11,6 години затвор. Други десет обвинети, беа прогласени за невини.

Во март 2017 година, Апелацискиот суд го осуди Андон Мехилај, на казна доживотен затвор. Тој, заедно со уште шест лица, беше обвинет за убиства и упатување на закани кон луѓе во Албанија, со користење на огнено оружје и експлозив.

За извршување на овие кривични дела, тие биле ангажирани од други лица. Покрај обвиненијата за „акти со терористичка намера“, тие беа судени и за бројни други дела како „убиство со умисла“, формирање на „криминални организации“ и друго.

Во 2015 година, обвинителството ги прекина истрагите против тројца Албанци, осомничени за регрутирање на странски борци, бидејќи се веруваше дека тие се наоѓаат во Сирија и дека едниот од нив најверојатно е мртов.

Судовите во Албанија, досега, на ниту еден повратник не му изрекле правосилна пресуда за војување во странска земја, иако во 2013 и 2014 година околу 140 лица ја напуштиле Албанија и заминале на странски боишта.

Во 2014 година, пред донесувањето на измените на законот, во рок од неколку месеци, околу 45 лица се вратиле во Албанија. Во меѓувреме, не се бележи враќање на други лица од боиштата во Сирија или во Ирак, и не се водат судски постапки за војување на странски боишта.

Во ноември 2016 година, судовите, во второстепена постапка, осудија девет лица, меѓу кои и двајца самопрогласени имами, за регрутирање на најмалку 70 борци за војување во Сирија и во Ирак. Тие беа осудени на затворски казни од вкупно 102 години и 8 месеци, односно казните се движеа од 8 месеци, до 18 години затвор.

Во мај 2017 година, самопрогласениот имам, Алмир Даци, во отсуство беше осуден на 15 години затвор, за регрутирање на борци за војување во Сирија. Пресудата не стана правосилна. Се верува дека тој загинал во борба во април 2016 година, иако нема официјална потврда за неговата смрт.

Иако Албанија во 2014 година го забрани учеството во странски војни и регрутирањето или организирањето на борци за учество на странски боишта, таа со закон овие дела дека не ги окарактеризира како „терористички акти“.

Редион Ќирјази, директор на програмата за безбедност на Институтот за демократија и медијација, ИДМ, нагласува дека албанскиот судски систем нема искуство со вакви случаи и оти справувањето со оние што се вратиле од странските боишта, за судството претставува предизвик.

„Клучниот предизвик со кој се соочуваат судските институции ќе биде правилно да се категоризираат луѓето, чие враќање се очекува“, вели Кирјази, објаснувајќи дека не може да се примени ист пристап кон жртвите, борците, соработниците и кон семејствата.


Црна Гора: Прашањето за борците повратници е минорно

Кривичниот закон дефинира низа акти поврзани со тероризмот, за кои се предвидени казни затвор од најмалку 5 години. Казната е иста и за оние кои се закануваат дека ќе извршат терористичко дело. Ако делата на тероризам резултираат со смрт на едно или повеќе лица, сторителите ќе се соочат со казна од минимум 10 години затвор или 12 години затвор, ако убиството на едно или повеќе лица, е извршено со интенција.

Поттикнување на извршување терористички дела се казнува со најмалку 10 години затвор, а регрутирањето и приклучувањето во организации со цел извршување терористички акти, со затвор од 1 до 10 години. Користењето на експлозивни направи во терористички акти, се казнува со затвор од 1 до 15 години, ако убиството било извршено со намера или ако делото довело до сериозно уништување на некој објект.

Финансирањето на тероризам се казнува со затворска казна од 1 до 10 години.

Во март 2015 година, Црна Гора донесе законски измени со кои се криминализира учеството во конфликти во странски држави. Казните за ова дело изнесуваат до 10 години затвор. Со амандманите на кривичниот закон, приклучувањето или учеството во „вооружени конфликти надвор од територијата на Црна Гора“, се сметаат за кривично дело.

Судовите во Црна Гора сè уште не донеле ниту една второстепена пресуда за домашен тероризам. Но, во мај 2019 година, Вишиот суд во Подгорица, во првостепена постапка, осуди 13 лица, за учество во наводен обид за државен удар во 2016 година, дефиниран како „терористички акт“.

Меѓу нив се двајца руски воени офицери за безбедност, кои беа осудени во отсуство, осум Срби и двајца црногорски опозициски политичари, на кои им беа изречени казни до 15 години затвор.

Црна Гора, во март 2015 година, го криминализираше учеството во странски конфликти, дело за кое се предвидени казни до 10 години затвор, додека од 2 до 10 години затвор е предвидено за регрутирање, организирање, финансирање, охрабрување, водење или обуката на борци за војување на странски боишта.

Во април 201 7 година, Марко Беровиќ, беше осуден на шест месеци затвор, бидејќи во 2015 година, учествувал во борбите во Украина, на страната на сепаратистите кои имаа подршка од Русија. Во јануари 2018 година, Вишиот суд во Подгорица го осуди Хамид Бехаровиќ на шест месеци затвор, бидејќи им се придружил на силите на ИДИЛ во Сирија.

Од Специјалното државно обвинителство, за БИРН одбија да кажат на колку случаи за војување на странски боишта, работат во моментов.

Државниот координатор за борба против насилниот екстремизам, Драган Пејановиќ, вела дека нема евиденција за заминување на црногорски граѓанин во Сирија, после 2015 година.

Според Пејановиќ, 23-ца граѓани на Црна Гора ја напуштиле државата пред 2015-тата,, додека осум мажи, една жена и неколку деца се вратиле од Сирија, а неколкумина се вратиле и од Украина.

Како и во Босна и Херцеговина, најголемиот предизвик за Црна Гора, според аналитичарката, Анѓелија Лучиќ, е „рехабилитацијата и реинтеграцијата“ на овие повратници. „Превентивните активности ја зајакнуваат општествената отпорност кон овој феномен“, нагласува Лучиќ.


Србија: Одложени судења, малку превентивни активности

Кривичниот закон на Србија, за извршување на терористички дела, предвидува казни од 5 до 15 години затвор. Казните за закана за извршување на терористичко дело се движат од 6 месеци до 5 години затвор. Казните надминуваат 10 години затвор, ако терористичкиот акт резултирал со смрт на едно или повеќе лица или со голема материјална штета. Доколку убиството на лицето, односно лицата, е намерно извршено, казните се движат од 12 години до доживотен затвор.

Регрутирањето на лица со намера извршување на терористички акт, како и јавното поттикнување на тероризам, носат казни од 1 до 10 години затвор. Казната е иста и за финансирање на тероризам.

Во 2014 година, Србија донесе закон со кој им се забранува на граѓаните да војуваат на странски боишта, во воени или паравоени формации, освен ако тоа учество не е дел од официјална мисија на меѓународна организација чија членка е и Србија. Казните за ова дело се движат од 6 месеци до 5 години затвор.

Војувањето во странство се казнува врз две основи, за учество во војна или вооружен судир во странска држава или  организирање учество во воен вооружен конфликт во странска земја.

Во април 2018 година, Вишиот суд во Белград осуди седум лица за тероризам – Абид Подбичанин, Сеад Плојовиќ и Терфик Мујовиќ беа осудени на 11 години затвор, Горан Павловиќ на 10, Изудин Црновршанин и Рејхан Плојовиќ на девет и пол и Ферат Касумовиќ на седум и пол години затвор.

Српската новинска агенција, Танјуг, објави дека тие биле прогласени за виновни за терористички акти, за регрутирање и обука за извршување на терористички акти, за финансирање на тероризам и за јавно поттикнување на терористички акти.

Според пресудите, Павловиќ и Плојовиќ, со помош на Подбичанин и Мујовиќ, воспоставиле врски со ИДИС и со Фронтот ал Нусра.

Бидејќи не се знае каде се наоѓаат Подбичанин, Павловиќ и Плојовиќ, тие беа осудени во отсуство.

Судот ги прогласи за виновни за „собирање пари од луѓе кои ги делеле истите убедувања, во Србија и во околните земји, како и во земјите во Западна Европа, како и за финансирање на заминувањето на неколку српски државјани, кои биле регрутирани за учество во воени конфликти, прво во кампови за обука, а потоа и на борбени фронтови во Сирија“.

Милан Антонијевиќ, кој го следеше процесот, за БИРН претходно изјави дека вниманието на ова судење било фокусирано на фактот дека притворот на обвинетите траел речиси четири години и дека судењето се повторувало, при што се менувал и судскиот совет.

„Долгото траење на постапките … се ситуации на кои групите за човекови права мора да одговорат“, нагласи Антонијевиќ, додавајќи дека приоритет треба да бидат побрзите и поефикасните постапки.

Антонијевиќ, денес извршен директор на Фондацијата за отворено општество во Белград, за БИРН изјави дека претходно, и покрај официјалните најави за правни дејствија против борците кои учествуваат во странски војни, „тие некако остануваат во сенка на другите медиумски настани“.

„Во моментов, превентивните мерки, односно превентивната функција на казнувањето, не е видлива; овие постапки некако се надвор од вниманието на медиумите“, вели тој, додавајќи дека „прашањето за ресоцијализација (на странските борци) во кривичното право на Србија, не е нешто што доби големо внимание“.

Во извештајот за тероризам во Србија во 2018 година, што американскиот Стејт департмент го објави во ноември 2019, се вели дека опасноста од терористички напади и нивото на регрутирање во ИДИС, во Србија, се мали.

Во него се вели дека во Србија, главните терористички закани остануваат потенцијалното движење на пари и оружје низ регионот, регрутирањето на вратените борци и ревитализацијата на терористичките идеологии, како и можноста за саморадикализација.

Од 2015 година до денес, српските судови осудија 29 лица за војување во единиците во Украина, поддржани од Русија. Сите осудени постигнаа спогодби за признавање на вината, што, за повеќето од нив, резултираше со условни казни од околу една година.

Три лица беа осудени на шестмесечен куќен притвор. Нивните затворски казни беа суспендирани, под услов да не го сторат истото дело во одреден временски период, обично помеѓу 1 и 5 години.


Северна Македонија: Мал капацитет, слаба координација или превенција

Кривичниот закон на Северна Македонија го санкционира тероризмот со членот 394-б, кој за лицето што ќе биде прогласено за виновно за тероризам, предвидува казни од 10 години до доживотен затвор. Лице што ќе биде прогласено за виновно за „сериозна закана“ за извршување на терористичко дело, ќе биде казнето со најмалку 8 години затвор.

Оние што повикуваат, поттикнуваат или инспирираат терористички акти, ќе бидат казнети со казна затвор во висина од 4 до 10 години.

Членот 394-в предвидува затворски казни и за финансирање на тероризам, од најмалку 8 години затвор.

Северна Македонија, во 2014 година, го смени кривичниот закон, за да го додаде членот 322-а, кој се однесува на војувањето во странство. Овој член предвидува минимална затворска казна во траење од 4 години за сите граѓани, кои учествуваат во „странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.

Минималната затворска казна за организирање, регрутирање или финансирање на такви формации е 5 години.

Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам на Северна Македонија, соопшти дека идентификувал 156 лица кои учествувале во борбите во Ирак и во Сирија. За 35 од нив се верува дека починале во овие земји, додека 23 од 83, колку што се вратиле во земјата, добија затворски казни.

Најпознат случај е случајот „Ќелија“, кога во 2016 година 11 лица беа прогласени за виновни за регрутирање на луѓе за војување во Ирак и во Сирија и за учество во странски паравоени сили.

Ова беше првиот случај во оваа земја, по измените на законот во 2014 година, во кој беа изречени затворски казни за учество во воени конфликти во странски држави. Минималната казна за учество во вакви конфликти сега е 4 години затвор, односно 5 за организирање и финансирање на учество во овие конфликти.

Според достапните информации, обвинителството има поднесено обвиненија и против осум други лица „за учество во странски паравоени структури“.

Деканот на Факултетот за безбедност во Скопје, Никола Дујовски, вели дека во споредба со другите земји во регионот, како што е Босна и Херцеговина, Северна Македонија нема толку многу случаи на тероризам.

„Но, нашата најголема слабост е способноста на институциите да се справат со овој проблем, а особено недостатокот на координација меѓу сите засегнати страни, почнувајќи од државните институции, судовите и обвинителствата, како и невладините организации, вклучително и верските заедници“, истакнува тој.

„Како мала земја со ограничени капацитети, дури сега почнуваме да ја зајакнуваме оваа координација, што може да помогне за подобро гонење на овие случаи, како и за подобра превенција и ресоцијализација на овие лица“, додава Дујовски.

Како и повеќето други експерти кои разговараа со БИРН, и Дујовски нагласува дека земјата нема доволно мерки за спречување на радикализацијата и за ресоцијализација на повратниците.

„Сите истражувања покажуваат дека средношколците се најмногу подложни на радикализација, но немавме ниту еден проект за превенција насочен кон средните училишта“, истакнува тој

Освен соочувањето со прашањето за повратниците од вооружените конфликти, во изминатите неколку години, во Северна Македонија, неколку домашни случаи ја зголемија етничката и политичката напнатост.

Во дводневна престрелка меѓу вооружени Албанци и безбедносните сили во Куманово, во мај 2015 година, животот го загубија 18 лица, меѓу кои и осум полицајци. Подоцна, 33-ца од 37-те обвинети добија затворски казни за тероризам, во висина од вкупно 736 години. Четворица осомничени беа ослободени од обвинението, а седуммина добија доживотна казна затвор.

Уште два други високо профилирани случаи предизвикаа етнички тензии во земјата – вклучувајќи го и масовното убиство на пет Македонци во 2012 година кај Смилковско езеро, во близина на  Скопје.

Некои експерти, како Дујовски, и националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски, велат дека поради ризиците од политизација, и фактот дека некои од процесите сè уште не се завршени, овие случаи треба да бидат разгледани одделно од случаите што ги опфаќаат борците на странски боишта.

„Овие домашни случаи треба да се разгледуваат одделно, бидејќи не се разјаснети“, вели Дујовски: „Нивната политизација и етнички карактер ги прави многу чувствителни, а во некои од нив сè уште не сме на јасно што навистина се случило“.

Што се однесува до неславниот напад на Собранието во 2017 година, кој имаше за цел да ја запре промената на власта, кривичниот закон прави разлика помеѓу „терористичко загрозување на уставниот поредок“ и „тероризам“.

Во кривичниот закон, членот 313 зборува за терористичко загрозување на уставниот поредок и напади на институциите, а членот 394-б, се однесува на тероризмот како загрозување на јавниот ред и мир преку убиства, киднапирања и други насилни акти.

    Siniša Jakov Marušić


    This post is also available in: Bosnian English Albanian